(Видео и фото) Последно збогум за Буштур: Таму горе има подобра екипа

Голем број македонски легенди се појавија на комеморацијата на Благоја Георгиевски – Буштур да му оддат почит на еден од најголемите кошаркари во историјата на Македонија. На комеморацијата присуствуваат сегашни и поранешни спортски легенди, претставници од неговата фамилија, судии, претставници од АМС, директорот Дарко Каевски, делегација од МОК предводена од претседателот Васил Тупурковски, челниците на КФСМ, генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски, како и првиот човек на ОФМ, Петар Јовановски… Последна почит на Буштур му оддаде и југословенската легенда Богдан Тањевиќ.

Поранешниот репрезентативец кој во моментов ја извршува функцијата директор во КФСМ, Тодор Гечевски се потсети на првата средба со Буштур.

„Тешко е да се зборува во вакви моменти. Место да ги славиме големите успеси во неговата кариера, сега зборуваме за него, без него крај нас. Сигурно беше голем кошаркар, така ми велат другите. Сигурно беше инспирација за цела генерација. Денеска зборувам за него како човек. Кога дознав за тажната вест се потсетив на нашата прва средба. Покрај во кошарката колеги бевме и во риболовот. Жалам што иако многу пати се договаравме никогаш не отидовме заедно. Се надевам дека сега на небото ќе дава кошеви и ќе фаќа големи риби“, изјави Гечевски.

Првиот човек на МОК, Васил Тупурковски не сакаше да зборува за Благоја Георгиевски – Буштур како спортски работник и македонска кошаркарска легенда, туку како голем пријател кој го загубил и чија празнина нема да може да биде пополнета.

 

„Загуба, шокантна, неприфатлива вест со која не знаеме да се носиме. Таа празнина нема да се пополни со ништо, не зборувам за него како кошаркарска легенда, ниту како претседател на МОК, ниту за големите дела и спортските работи кои сме ги работеле. Зборувам за она што интимно го чувствувам пријателството – тоа не се мери со ништо, неверојатен пријател…комуникативен, духовит, секогаш сака да те насмее, да те расположи…. голем човек. Во право беше Тањевиќ, горе има подобра екипа од тука“, рече Тупурковски при обраќањето на присутните на Комеморацијата.

Еден од најблиските пријатели на трагично загинатата македонска кошаркарска легенда Благоја Георгиевски – Буштур, актерот Ѓокица Лукаревски со многу емоции денеска зборуваше на комеморацијата во чест на легендата на Работнички.

Лукаревски се присети на каков талент имал Буштур од детството за сите нивни дружби, потенцирајќи дека луѓето во кошарката не знаеле да го искористат огромниот потенцијал на легендарниот кошаркар.

„Како јас со 160 сантиметри да ја минам целата младост и живот со него. Тоа и самиот се прашувам. Уште од дете беше спортски талентиран, па беше и шампион во пинг-понг на град Скопје, а после изррасна во феноменален кошаркар. Секој ден трчавме во парк, па цел ден му враќав топки за да го допрецизира шутот. Луѓето од кошарката не знаеја да го искористат сиот негов потенцијал, неговиот талент. Но, тој го надмина сето тоа, прифати само да биде дел од Управни одбори. После самиот се повлече, сметајќи дека е отфрлен. После тоа се посвети на риболовот, па неретко ми се јавуваше среде ноќ да ми каже колкави парчиња фатил. Ќе остане дел од мене засекогаш, а ние до крај ќе останеме горди на него“, рече Лукаревски.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави