Семејната зоолошка градина, изградена од колумбискиот наркобос Пабло Ескобар во раните 80-ти години, содржела носорози, жирафи, зебри и нилски коњи. Откако се распаднала империјата на Ескобар во 1990-тите, повеќето од животните биле преместени во Националната зоолошка градина. Единствени што останале на имотот биле нилските коњи, односно четири единки кои во меѓувреме се размножиле и станале инвазивен вид што почнал да го уништува речниот екосистем во Колумбија.
Според написот во журналот „Екологија“, нилските коњи на Ескобар веќе две години ги проучуваат експерти од Универзитетот во Калифорнија и Сан Диего, како и колеги од Универзитетот во Колумбија. Внимателно е следено нивното влијание врз локалните микробиоми. Нилските коњи ноќе се хранат на земјата, додека денот го поминуваат во водата каде што се ладат и, меѓу другото, ослободуваат голема количина измет што почнало да влијае на хемискиот состав на водата.
Нилските коњи, односно нивниот измет, служи како извор на хранливи материи за опасни алги и бактерии. Ова може да резултира во цветање на опасни растенија како токсични алги кои предизвикуваат болести кај луѓето и животните, се вели во студијата.
Друг проблем е што нилските коњил не се најмирните животни во светот, што значи дека тие се тешки за контрола и фаќање.
„Во следните неколку децении, нивниот број може да се зголеми на неколку илјади. Ова значи дека мора да побрзаме да одлучиме што да правиме со нив“, рече Џонатан Шурин, професор по биолошки науки во Сан Диего и главен автор на студијата.