Царовска: 324 илјади пензионери од понеделник добиваат повисока пензија за 722 денари, продолжуваме со грижата за повозрасните

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мила Царовска, директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајакова, на заедничка прес-конференција соопштија дека од понеделник почнува исплатата на зголемените пензии за сите пензионери.

„Од идната недела 324.000 пензионери ќе земат пензии повисоки за 722 денари. Зголемувањето го правиме откако го стабилизиравме пензискиот систем со пензиската реформа и за една година успеавме да го намалиме дефицитот за над 3,7 милијарди денари. Навистина ми е драго што со ова зголемување успеавме да одговориме на барањата на пензионерите, односно дополнителното трето усогласување на пензиите, освен според економскиот раст од над 4 проценти да се прави и кога имаме годишен раст на минималната плата над 15 % и раст од 5 % на просечната плата. Со ова зголемување и дополнителните усогласувања до крајот на годинава просечната пензија очекуваме да се зголеми на 15.500 денари, што е вкупен раст од 1.746 денари за три години“, истакна Царовска.

Вицепремиерката дополни дека зголемувањето на пензиите се прави плански и во услови кога Фондот е во добра кондиција, со оглед на зголемените уплати на придонеси врз основа на растот на платите и зголемената вработеност.

„Оваа Влада освен што вистински се грижи за сегашните, води сметка и за идните пензионери. За оваа година, за новата мерка субвенционирање на придонеси во зоглемување на плата, обезбедивме 2,4 милијарди денари. Овие средства ќе се слеат во фондовите на име придонеси и со тоа уште еднаш потврдуваме дека работиме чесно и одговорно.

Директорот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи, рече дека со пензиската реформа фондот е стабилизиран, а главен показател за тоа е дека речиси цела година Фондот ислаќа пензии без позајмици.

„Приходите во ФПИО се зголемени за 10%, а дефицитот е намален. Во 2018 година дефицитот бил 19,4 милијарди денари а во 2019 година 15.6 милијарди, што е значително намалување за само една година од кога почна со имплементација на пензиската реформа“, посочи директорот Зенељи.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова изрази задоволство од вклученоста за време на донесувањето на пензиската реформа, како и од покачувањето на пензиите со кое секој еден пензионер, независно дали е корисник на старосна, семејна, инвалидска или минимална пензија ќе добие покачување од 722 денари.

 

Треба да знаете
Последни објави