Соединетите Американски Држави се подготвени целосно да ја снабдуваат Белорусија со енергетски ресурси по конкурентни цени, изјави денеска во Минск државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
– Нашите производители на енергија се подготвени да испорачаат 100 проценти од потребната нафта по конкурентни цени. Ние сме најголемиот производител на енергија во светот и се што треба да направите е да не повикате, рече Помпео по средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко и министерот за надворешни работи Владимир Макеј.
Помпео е првиот државен секретар на САД кој ја посетил Белорусија во последните 26 години, во време на напнати односи меѓу Минск и Москва поради енергетски прашања.
На состанокот со Лукашенско тој изрази надеж дека ќе помогне да и се даде можност на Белорусија да ги оствари „суверенитетот и независноста” кон кои тежнее.
– САД сакаат да и помогнат на Белорусија да изгради своја суверена држава, рече Помпео на заедничката прес-конференција со Макеј.
Белорусија и Русија не успеаја да постигнат договор за снабдување со нафта за оваа година, поради што Русија ги прекина испораките на белоруските рафинерии, иако делумно ги обнови на 4 јануари.