Претседателот на комисијата за земјоделство на СДСМ и директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов во своето обраќање на трибината „Агенда 20-24“ се фокусираше на изборната програма на СДСМ, во делот на земјоделското производство. Целиот концепт на програмата тргнува од фактот дека земјоделието е втор сектор по значајност во придонесот на БДП.
„Сето тоа што ќе го напишеме во програмата потекнува од нашите теренски активности и контакти со земјоделците. Имаме идеја како да создадеме одржливо земјоделство, а тоа подразбира современи методи на производство, квалитетен производ наменет за извоз, а при тоа да ја заштитиме животната средина”- истакна Атанасов пред насобраните земјоделци и компании.
Програмата на СДСМ за претстојните избори ќе биде конкурентна, развојна и иновативна. Крајната цел и е да се зголеми производството за да се обезбеди доволно храна за домашниот пазар, но голем дел од производителите да се ориентираат кон извозот.
„За да ги оствариме нашите цели предвидуваме три откупно- дистрибутивни пунктови кои ќе прават класификација на производите, нивно пакување, соодветно третирање, а со тоа нивната вредност може да се зголеми и до 20 отсто. Тие центри, во Скопје, Струмица и Ресен, ќе бидат главната логистика на земјоделците во однос на вреднување на нивните производи, но и во обезбедување на пласман”- потенцираше Атанасов.
Во развојната програма на СДСМ за земјоделството се посветува внимание и на инвестициите. Тие ќе се зголемуваат паралелно со подобрување на квалитетот на производите.
„Го оставивме зад нас периодот кога тоневме во долгови, кога имавме несигурност, кога се плашевме да инвестираме. Сега одиме кон сигурно производство, со однапред обезбедени субвенции за да може да ги дистрибуираме до производителите во период кога им се најнеопходни. Дополнително, цел спектар мерки ќе предвидиме за развој на руралните средини, односно секое село да стане современо”- заврши Атанасов.
Во поглед на иновациите кои СДСМ ги планира да ги воведе, а со цел земјоделството наместо социјална да стане развојна гранка, се предвидуваат мерки и активности за спротивставување на климатските промени кои ги менуваат начините и методите за производство.