Поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша го поздрави договорот постигнат помеѓу Движењето „Самоопределување” и Демократскиот сојуз на Косово за формирање влада.
„Постигнатиот договор е доказ за конструктивната волја на партиите да ја почитуваат изборната пресуда на граѓаните на Косово и да им ја дадат владата за која гласаа.Тој е нов обид да му се даде на Косово влада на развој и иднината што ја заслужува “,напиша Бериша на Фејсбук.
При тоа оценува дека договорот е фатален удар за тројката предавници – аргати од Белград, од Тирана и од Приштина.
– Договорот е фатален удар за предавничката тројка -аргати од Белград, Тирана и Приштина; Есад Топтани Новиот, Миладин Албанец и Батон Станишиќ, на нивните антиалбански напори за поделба на Косово и конечно создавање на Голема Србија како Нова Југославија,напиша Бериша, алудрајќи на српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи.
Тој од се срце им честита на претседателите на политичките сили, Курти и Мустафа за договорот потпишан во „најдобар интерес на Косово и неговите граѓани”.
Претходно, договорот за формирање косовска Влада го поздрави официјална Тирана како и албанската опозиција, оценувајќи дека тоа е чин на политичка искреност и зрелост на јасна визија на лидерите Албин Курти и Иса Мустафа, дека стабилното управување е во интерес не само на Косово, туку и регионот и посакаа што е можно поголема корисна соработка за Албанците од двете страни на границата.