Турција ја имала информирано Русија за развојот на настаните во сирискиот регион Идлиб, изјави портпаролот на турската владеачка Партија на правдата и развојот (АКП), Омер Челик, цитиран од британските медиуми.
На овој начин тој ги отфрли тврдењата на Москва, дека Русија не била информирана за движењето на турските сили во Идлиб, што довело до загинување на шестте турски војници во сириското гранатирање на нивните позиции.
Според руското Министерство за одбрана, турските војници се нашле под опстрел на сириските владини сили во Идлиб, кои во тој момент пукале и по терористи, откако турската страна не ја предупредила Русија за своето движење.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, од Москва изјави дека руските и турските војници се наоѓаат во постојан контакт во однос на ситуацијата во Сирија, а при итна потреба и претседателите на двете земји може брзо телефонски да се усогласат.
Турската приватна телевизија НТВ соопшти дека заради ситуацијата во Идлиб било откажано присуството на турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во државната делегација, предводена од претседателот Ердоган, која денеска се наоѓа во посета на Украина. Место тоа, Акар во Анкара имал средба со началникот на Генералштабот на турската армија, Јашар Гулер и со командантите на трите рода на вооружени сили, по што се упатил кон сириската граница, посочи НТВ.