Изборниот штаб на сенаторот Барни Сандерс прогласи победа на нивниот кандидат на првичните избори кај демократите во државата Ајова, повикувајќи се на „внатрешни информации”.
Соработниците од изборниот штаб правеле независно пребројување во текот на гласањето.
Според податоците на штабот на Сандерс, тој освоил 29,7 отсто од партиските гласови, на второ место се најде Пит Бутиџич со 24,6 отсто, а на трето е Елизабет Ворен со 21,2 отсто. Џо Бајден се најде едвај на четвртото место со 12,4 отсто од гласовите на партискикте гласачи.
Гласале повеќе од 79.000 демократски избирачи, се наведува во соопштението, пренесуваат агенциите.
Резултатите се објавуваат „во интерес на транспарентноста, бидејќи Демократската партија во Ајова денеска не успеа да ги соопшти резултатите од гласањето”.
Информацијата не може да ги замени податоците на Демократската партија во Ајова, но од изборниот штаб на Сандерс уверуваат дека резултатите се точни.
Агенциите веќе јавија дека првичните избори за претседател во државата Ајова се претворија во фијаско за Демократската партија.
Резултатите од гласањето не беа објавени според програмата, а беше соопштено дека се чека големо доцнење затоа што има „недоследност во податоците” и е во тек „квалитетна контрола на гласањето”.
Се очекува доцнењето во објавувањето на резултатите од гласањето да изроди серија конспиративни теории, со оглед на стравувањата меѓу приврзаниците на партијата дека раководството помага некои од кандидатите и им попречува на други.
Првичните избори во Ајова се само први во долгата серија слични првични гласања, што ќе го утврдат официјалниот кандидат на партијата за претседател.
Во последните години, победникот од првичните избори во Ајова ја добиваше и официјалната претседателска кандидатура.