Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јосеп Борел, на прес конференција во Јордан, употреби поостри зборови за Мировниот план на САД за Блискиот Исток.
Овој план кој Трамп го нарече „Договор на векот” за Израел и Палестина, беше отфрлен од палестинската страна и силно критикуван од голем број земји членки на Европската Унија.
На прес конференција со јорданскиот министер за надворешни работи во Аман, Борел рече дека станува збор за „таканаречен” мировен план, пренесува Агенција Европа.
-Американскиот план доведува во прашање голем број параметри договорени на меѓународно ниво: границата од 1967 како што е договорено меѓу двете страни, со држава Израел и државата Палестина, независна и одржлива, кои живеат една до друга, во мир, безбедност и взаемно признавање, изјави Борел.
Во првичната реакција објавена по презентацијата на планот на 28 јануари, Борел нагласи дека ЕУ останува обединета по израелско-палестинското прашање, но ништо повеќе.
Борел останува оптимист дека е можно взаемно прифатливо решение за овој конфликт кој трае повеќе од седумдесет години.
-Мораме да кажеме што функционира, потребни ни се решенија кои можат да бидат прифатени од двете страни во овој долгогодишен конфликт, изјави шефот на европската дипломатија.