Прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во континуитет покажува вистинска грижа за здравјето на сите граѓани, преку водење на исправни здравствени политики и постојано вложување во здравствениот систем.
Денешниот ден е одбележан како светски ден на ракот и има за цел да спречи милиони смртни случаи секоја година преку подигање на свеста и едукација за канцерот со влијание врз владите и поединците ширум светот да преземат акција против оваа болест.
Денес, ракот е втората водечка причина за смрт во светот и 9,6 милиони луѓе умираат од рак секоја година. Од нив, најмалку една третина од честите форми на рак може да се спречат.
Во нашата држава, малигните неоплазми се втората најчеста причина за смрт. А кај жените најчеста причина за смрт е ракот на дојка.
И оттука сакаме да порачаме дека сите кои се борат со ракот, не се сами.
СДСМ изминатиот период посвети големо внимание на изнаоѓање на решенија со цел подобро справување со оваа болест. Сега, сите лекови се со сертификат за квалитет. За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија. Обезбедени се над 30 молекули скапа биолошка терапија, којашто претставува значаен чекор и е најсилниот удар во борбата против ракот. Воведена е новина, а тоа е двојно читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози.
За првпат обезбедена е и психолошка поддршка на пациентите, затоа што психолошката поддршка е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите.
Двојно намален е и бројот на дијагностицирани од рак на грло на матка.
Во 2009 година бројот на ново дијагностицирани изнесуваше над 500 случаи од рак на грло на матката, сега таа бројка е некаде околу 200.
Според статистиките 3,7 милиони животи во светот може да се спасат секоја година со спроведување на соодветни стратегии за превенција, рано откривање и третман.
Токму затоа апелираме граѓаните да прават редовни лекарски контроли, бидејќи раното дијагностицирање е клучно во борбата против оваа болест.
СДСМ продолжува со политиките во здравството кои придонесуваат за унапредување на здравјето на сите граѓани.