Пендаровски од Варшава: Продолжуваме да работиме на исполнување на стратешките цели, поддршка од Полска за ЕУ и НАТО

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во рамки на официјалната посета на Република Полска, оствари средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, по што се одржа и заедничка прес конференција на двајцата претседатели.

 

Во продолжение е интегралната изјава на претседателот Пендаровски.

 

Ми претставува голема чест бидејќи денеска престојувам во официјална посета на Република Полска и ја користам приликата да се заблагодарам за поканата и укажаното гостопримство, овде во Варшава.

Со претседателот Дуда имавме искрен и содржаен разговор, на кој констатиравме дека Република Северна Македонија и Република Полска одржуваат пријателски односи, со постојан политички дијалог, со растечка економска соработка и со обострана заложба за јакнење и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.

Република Полска е наш важен, докажан партнер и поддржувач во исполнување на нашите стратешки цели – членството во НАТО и Европската Унија, цели за кои имаме јасен национален консензус и широка поддршка од граѓаните.

На средбата, се заблагодарив за брзата ратификација на Протоколот за членство во НАТО од страна на Полска и како што сите очекуваме по завршување на ратификацијата во шпанскиот парламент, наскоро Северна Македонија да стане полноправна членка на Алијансата.

Во фокусот на средбите со нашите полски домаќини беше и е остварувањето и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија, во контекст на претстојните самити на Унијата – во месец март во Брисел и во мај, во Загреб.

https://youtu.be/0gOp9hMZD2g

Разменивме мислења и информациии и за новата методологија за водење на пристапните преговори, како и за активностите што претходат на Европскиот совет во март. Оваа седмица треба да биде објавен и предлогот за новата преговарачка методологија, а за нас е клучно, час поскоро државите членки на Унијата да се усогласат за оваа методологија и пролетва да добиеме позитивни вести за нашата европска интеграција за време на хрватското претседателство со Европската Унија. Ние сме подготвени да ја прифатиме новата методологија за водење на преговорите, со цел да имаме ефективен процес на пристапување, со мерливи резултати и конкретни придобивки за граѓаните.

Продолжуваме да работиме на исполнување на нашите стратешки цели, како во добрососедската политика, така и на домашната реформска агенда. Се надевам дека поддршката од Полска во овој, за нас многу значаен временски период и личната поддршка од претседателот Дуда ќе продолжи и понатаму,

 

Почитувани,

 

Искуството на земјите од Вишеградската група е исклучително полезно во нашиот процес на евро-атлантска интеграција. Во таа насока сакам да истакнам дека т.н. Скопска конференција како платформа за размена на полските искуства во интеграциите е ефективна за нас. Задоволни сме што го споделуваме искуството и знаењето со нашите полски партнери на досега одржаните седум состаноци. Очекуваме и на осмиот состанок, што треба да се одржи оваа година овде во Варшава, да учествуваме како земја со добиен датум за почеток на преговорите.

Исто така, многу ја цениме помошта на Полска во справување со бегалската и мигрантската криза на нашата јужна граница. Заклучно со март оваа година, 1000 полициски офицери од Полска во рамките на 34 ротации и контингенти беа и ќе бидат вклучени во европската помош на нашата полиција и армија за обезбедување на таа граница.

На средбата со мојот полски колега, ја искажав и нашата подготвеност за зголемување на соработката во економијата, науката и образованието, како и зголемување на соработката во областа на безбедноста и одбраната. Заеднички заклучивме дека отворени прашања меѓу нашите држави нема, а од особена важност е развојот и интензивирањето на економската соработка за која постојат големи потенцијали од двете страни. Воспоставувањето на директната авио линија меѓу Скопје и Варшава, а во летниот период и чартер летовите меѓу Охрид и други полски градови, претставува важен чекор кон подобрување и олеснување на контактите помеѓу бизнис заедниците на двете страни меѓутоа и зголемување на бројот на посетите од страна на полските туристи.

 

Покрај добрите политички односи има и други работи што ги поврзуваат двете држави и нашите граѓани. Полска даде, како што е познато, многу значаен придонес во изградбата на постземјотресно Скопје.

И на крајот, но не и најмалку важно, би сакал да ја издвојам и соработка што ја имаме во образованието и културата, како успешен пример на македонско-полските односи и градењето на јазичните и културните врски. Сакам тука да ја споменам соработката на македонските и полските слависти во рамките на лекторатите по македонски јазик во Полска, но и Катедрата за полски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што секоја година традиционално се одржува во Охрид, а особено минатогодишното одбележување на 65-годишнината од студиите по полонистика во Скопје.

На крајот дозволете ми уште еднаш да се заблагодарам на гостопримството овде во пријателска Варшава, како што доликува на две пријателски и европски држави.

Треба да знаете
Последни објави