Секој кој нема да поседува потврда/ легитимација издадена од Министерството за миграција и азил на Грција, нема да може да врши активности поврзани со бегалците и мигрантите, како во камповите, така и на крајбрежјето. Ова, според грчки владини извори, произлегува, од амандманот, што вчера беше изгласан во грчкиот Парламент, а се однесува на контрола на Невладините организации кои работата со бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, во надлежното министерство, за првпат ќе се формира регистар на невладини организации чии активности се поврзани со меѓународната заштита, миграцијата и општествената интеграција. Во регистарот, ќе бидат заведени, со име и презиме, сите вработени, членови и соработници активни во Грција, додека пак планирана е детална и континуирана контрола на индивидуално ниво од страна на државата.
Паралелно ќе се одреди и специјален секретар за НВО, чија задача ќе биде управување со регистарот, а дополнително, со министерска одлука ќе се утврдат условите за регистрација и бришење на членовите од регистарот.
Според грчките владини извори, со претходните закони донесени од владата на СИРИЗА во 2016 и 2018 година за формирање регистар на грчки и странски НВО, не било предвидено да се издаваат акредитации/ легитимации за физички лица.
Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, говорејќи за регистарот рече дека целта е да се воведе ред и контрола во работата на невладините организации активни во Грција, а поврзани со бегалците и мигрантите.
-Нашата цел е да има контрола на активностите на стотиците НВО што функционираат во нашата земја. Во овој регистар ќе се заведуваат членовите, службениците, но и соработниците на организациите за да постои транспарентност и отчет, бидејќи многу НВО одлучувачки придонесоа во справувањето со проблемот, но други функционираа на проблематичен и паразитски начин, рече Пецас.
Паралелно, во истиот амандман се вклучени и мерки во висина од 50 милиони евра, од кои половина (25 милиони) се наменети за поддршка на општините во кои ќе се изградат центри за бегалци и мигранти, а другата половина за т.н. Фонд за солидарност за финансирање на локалното население.