Радикализиран војник осомничен за напад со нож во француска полициска станица

Деветнаесетгодишен војник е осомничен за нападот на полициската станица во Франција, што се случи откако полицијата доби телефонска закана за масакр во име на Исламска држава, пренесува РТ.

Осомничениот е млад војник кој ја завршил почетната двомесечна обука, потврди во вторникот министерката за одбрана, Флоренс Пали, која додаде дека момчето не било на должност за време на нападот.

Обвинителот во североисточниот град Мец, Кристијан Меркури, изјави дека осомничениот ѝ се приклучил на армијата на почетокот на декември. Тој во понеделникот рани полицаец во локалната станица во Диузе, недалеку од Мец, а и самиот беше застрелан двапати од истиот полицаец и беше хоспитализиран.

Неколку часа пред нападот, локалната полициска станица добила телефонски повик во кој еден човек рекол дека е војник и член на ИД и предупредил дека претстои масакр од име на џихадистичката група. Можната врска помеѓу осомничениот и повикувачот сè уште не е потврдена. Инцидентот ги обнови прашањата дали властите се ефикасни во набљудувањето и отстранувањето на потенцијалните радикали.

„Оваа радикализирана личност не била откриена на време. Дисфункцијата на владата е сериозна и претставува закана за нашата безбедност“, напиша на Твитер Ерик Сиоти, пратеник од партијата на десниот центар, Републиканците.

Поранешниот осуденик Шериф Чекат, кој уби пет лица во Стразбур во 2018 година, беше на терористичката листа набљудувани кога го стори делото. И Салах Абдеслам, еден од главните умови зад смртоносниот напад во 2015 година врз театарот „Батаклан“ во Париз, имаше долга криминална историја. Минатиот месец, член на сириската исламистичка милитантна група Џаиш ал Ислам беше приведен откако влегол во Франција со студентска виза преку програмата „Еразмус“, пренесува Франс прес.

Треба да знаете
Последни објави