САД денеска воведоа забрана за патување за бугарски судија, обвинет дека му дозволил на поранешен пратеник, осомничен за шпионирање во корист на Русија, да ја напушти земјата.
Судијата од бугарскиот Специјализиран кривичен суд Андон Миталов минатата година му дозволил на поранешниот пратеник Николај Малонов да отпатува во Москва, иако тој бил на слобода со кауција и чекал почеток на судењето по обвинувањето дека бил руски шпион. Бугарското државно обвинителство го обвини Миталов за прекршување на процедурата бидејќи дозволил обвинетиот да патува без претходна консултација со обвинителството.
Во соопштението на американската амбасада во Софија се вели дека државниот секретар Мајк Помпео го нарекол бугарскиот судија корумпиран и порачал дека патување во САД му е забрането. Забраната се однесува и на неговата сопруга и ќерка.
„Миталов, вршејќи ја службената должност, бил вмешан во незаконски активности кои го поткопуваат владеењето на правото и сериозно ја нарушуваат независноста на демократските институции во Бугарија”, напишал Помпео, без да го спомене шпионирањето.
Осомничениот за шпионажа, Малинов бил лидер на проруската група Национално русофилско движење, а обвинет е за шпионажа во корис за Русија со цел Бугарија да се оддалечи од своите западни сојузници.