Стриктните буџетски правила на ЕУ би можеле да бидат ревидирани

 Европската Комисија посочи дека и покрај тоа што буџетските правила овозможиле добри резултати, време е да се отвори повторно дебата за да се коригираат одредени аспекти на оваа економската политика на Унијата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Потпретседателот на Европската Комисија, Валдис Домбровскис, изјави дека европскиот Пакт за стабилност ја исполнил својата улога во однос на стабилноста на јавните финансии, но во делот на јавниот долг постојат проблеми, меѓудругото, фактот што преголемата фискална дисциплина доведува до поголема економска рецесија.

Оваа самокритика на Европската Комисија доаѓа во време кога институцијата сака да се позиционира како глобален лидер во борбата против климатските промени, политика која несомнено ќе бара поголема буџетска флексибилност.

Според Комисијата постои можност да се олеснат европските правила за да се коригира намалениот раст и да се постигне целта на климатска неутралност до 2050 година.

Меѓутоа разликите помеѓу земјите членки остануваат длабоки, од една страна поддржувачите на стриктна буџетска дисциплина, а од другата оние кои бараат поголема флексибилност посебно за да се олеснат климатските инвестиции.

Еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, побара земјите да ги изјаснат своите ставови околу фискалните правила на ЕУ и да понудат предлози за поттикнување на поголем раст како и структурни реформи, но призна дека ќе биде многу тешко да се изнајде баланс помеѓу овие крајно спротивставени страни.

Зелениот пакт на Европската Комисија ќе биде во срцето на предлозите на институцијата во наредните месеци, а климатските прашања ќе бидат земени предвид во идните стратегии.

Треба да знаете
Последни објави