Ограничувањата на патувања како резултат на епидемијата на коронавирус во Кина би можеле да наштетат на буџетите на градовите и државите ширум САД, што имаат корист од огромниот скок на кинески туристи последниве години, предупредуваат аналитичари.
Водечките американски авиокомпании ги прекинаа летовите од Кина и кабинетот на претседателот Доналд Трамп забрани посети на странци кои биле во Кина изминатите 14 дена.
– Отсуството на посети од Кина претставува „сегашна и најдиректна врска помеѓу американската економија” и вирусот, рече Марк Занди од „Мудис аналитика”. Според неговите проценки, американската економија ќе порасне 1,7 проценти оваа година, послабо од проценетите два проценти.
Посетите од Кина на САД се повеќе од 10 пати зголемени од епидемијата на САРС во 2002 година, на 2,8 милиони во 2019 година, според Туризм економикс, дел од истражувачката фирма „Оксфорд економикс”.
Во бројката се вклучени студенти и туристи. Околу 15 проценти од посетителите од Кина ја наведуваат „едукацијата” како цел на нивната посета, пренесува „Оксфорд економикс”.
Компанијата проценува дека САД ќе изгубат 10,3 милијарди американски долари од потрошувачката на кинеските гости, главно во 2020 година, поради вирусот. Секој посетител троши во просек по околу 6.000 долари што не вклучува авионски билети ниту пари потрошени на образование, наведуваат во Оксфорд економикс.