Повредена жена, откорнати покриви и рекламни паноа, оштетени автомобили. Ова е последицата од силниот ветер во Словенија кој на моменти достигна брзина и до 90 км/час.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, повредената жена е 22-годишна државјанка на Германија, која настрада откако во близината на музејот во Цеље, поради силниот ветер врз неа падна големо рекламно пано.
Невремето предизвика и големи проблеми во сообраќајот. На некои места во областа Врањско, поради гранки и дрва на патиштата сообраќајот беше во прекин. Во Рогашка Слатина и Цеље силниот ветер откорна неколку дрва кои уништија автомобили. Училиште во Крањ денеска ќе остане затворено, а учениците нема да посетуваат настава се додека не се санираат оштетувањата на објектот предизвикани од невремето.
Управата за заштита и спасување на Словенија објави дека поради силниот ветер морале да интервенираат 142 пати, а проблеми се пријавени во 47 општини.