Владеењето на правото и хуманоста се во чекор со нашата национална безбедност, со која нема играње, нашите морски граници, сега се заштитени, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на свеченоста по повод 100-годишнината од формирањето на Крајбрежната служба на Грција, осврнувајќи се на бегалскиот/ мигрантскиот проблем со кој се соочува земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
-Владеењето на правото и хуманоста се во чекор со нашата национална безбедност. Со неа нема играње. Нашите граници, нашите морски граници, сега се заштитени. Островите ќе бидат растоварени, првично од оние што веќе добиле статус на заштита. А нелегалните, оние кои влегуваат во земјата, знаејќи дека нема да добијат заштита согласно грчкиот закон, брзо ќе се враќаат во Турција и во државите од кои потекнуваат, рече Мицотакис, додаде дека Грција соработува со ЕУ за поддршка на враќањата во трети земји и истакна дека е неопходна и европска солидарност .
Во говорот, објасни дека во 2019 мигрантскиот бран двојни се зголемил во споредба со 2018 година и достигнал до околу 72 илјади пристигнувања, од кои 22 отсто се од Сирија, а речиси 40 проценти од Авганистан. Истакна дека во изминатите седум месеци политиката на владата за конкретното прашање е променета.
-Од август, за четири пати се зголемија барањата кон турската крајбрежна служба за да ги контролира брановите во областите што се во нејзина одговорност. И самата е принудена позитивно да одговори на повеќето од овие барања. И покрај нашите разлики во другите прашања, очекувам соработката со нашите соседи во справувањето со ова критично прашање. Се надевам дека со текот на времето, ќе се вратиме на помалите бранови од минатото. Во рамките на Заедничката декларација на Европската унија и Турција, секоја страна мора да ја заврши нејзината работа, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер во говорот се осврна и на Невладините организации и донесениот амандман за кој рече дека конечно ќе стави ред во нивните активности за да се разграничат „оние што се многу кои навистина ја исполнуваат нивната цел, од оние другите, кои што се малку и се чини дека им служат на други интереси”.