Јован Стрезовски, Панде Манојлов, Зоран Пејковски и Катица Ќулавкова се добитници на годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија за најдобри книжевни остварувања во 2019 година.
Наградата за проза „Стале Попов” му е доделена на Јован Стрезовски за збирката куси раскази „Чувар на тајни”, Панде Манојлов за стихозбирката „Јужни реки” е добитник на наградата за поезија „Ацо Шопов”, наградата „Ванчо Николески” за најдобра книга за деца и млади ќе ја добие Зоран Пејковски за пиесата за деца „Мали детски разговори”, а лауреат на наградата „Димитар Митрев” за книжевна критика и есеј е Катица Ќулавкова за книгата „Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам”.
Наградените ДПМ ги соопшти денеска, а признанијата ќе им бидат врачени на 13 февруари напладне на свеченост што Друштвото на писателите на Македонија ја организира по повод годишнината од основањето (13 февруари 1947).
Друштвото соопшти дека на конкурсот распишан во декември за најдобри книжевни остварувања во годината што измина пристигнале 57 наслови.
Оваа година нема да биде доделена петтата годишна награда – „Книжевен мост” за книга објавена на некој од јазиците на националностите, затоа што според жирито за оваа награда – Ресул Шабани (претседател) и членовите Олга Панкина и Јусуф Едип, пристигнатите книги во оваа категорија не ги исполнуваат жанровските и естетските критериуми.
Одлуката за наградата за проза „Стале Попов” едногласно ја донесе жири во состав: Јован Дамјановски (претседател) и членовите Томислав Османли и Ермис Лафазановски. Во потесен избор биле и прозните книги „Правта на библиотеките” од Митко Маџунков, „Цариградски емигрант” од Луан Старова, „Кога заминав од Карл Либкнехт” од Лидија Димковска и „А’бт” од Оливера Ќорвезироска.
Жирито во состав: Паскал Гилевски (претседател) и членовите Михаил Ренџов и Иван Антоновски одлучуваше за наградата за поезија „Ацо Шопов”, а во потсен избор биле стихозбирките „Импровизирани часови” од Давор Стојановски и „Мои страсти, мои страданија” од Катица Ќулавкова.
Одлуката за наградата „Ванчо Николески” за најдобра книга за деца и млади ја донесе комисијата во состав: Љерка Тот Наумова (претседател) и членовите Панде Манојлов и Горјан Петревски, а во потсен избор биле и книгите: „Дур дишам се надевам” од Владимир Мартиновски, „Ѕвезда Мрак и суштествата од Мракоград” од Билјана Црвенковска и „Кој се фали ќе зажали” од Кузман Кузмановски.
За наградата „Димитар Митрев” во потсена конкуренција биле и „Клуч во клучалката на детството” од Весна Мојсова-Чепишевска, „Творецот и сотворецот” од Марија Гиревска, „Окружението на Конески” од Димитар Пандев, „Слова и согледби за Блаже Конески” од Димитар Пандев, „Достоевски и Мекдоналдс (книжевни и културолошки студии)” од Венко Андоновски и „Поезијата и возвишеното: возвишеното во македонската современа поезија” од Иван Џепароски.
Одлуката за оваа награда едногласно ја донесе жири во состав: Данило Коцевски (претседател) и членовите Јасмина Мојсиева-Гушева и Ангелина Бановиќ-Марковска.