Избори на 12 април ќе има и од тоа ВМРО-ДПМНЕ не може да избега. ВМРО-ДПМНЕ блефира да спречи некои процеси во државата, за да не влезе во процедура законот за јавно обвинителство, како и некои други закони кои се од интерес на граѓаните, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој кажа дека сите уставни и законски рокови во однос на изборите ќе бидат почитувани.
На новинарско прашање околу консултациите за законот за јавно обвинителство, Митрески рече дека претставници на пратенички групи имаат работни средби со Министерството за правда како предлагач на тој закон. Според него, само ВМРО-ДПМНЕ не сака да се донесе законот.
„Единствено ВМРО-ДПМНЕ не влезе со свои предлози зошто не сака да се донесе законот. Јас исклучиво верувам и се надевам дека таков компромис ќе се постигне со другите пратенички групи и ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за носење на овој закон“, рече Митрески.