Од почетокот на оваа година до денеска на земјоделците им се исплатени над 1,6 милијарди денари субвенции, финансиски средства за градинарите, полјоделците, лозарите и овоштарите, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски за време на денешната посета на Општина Ресен.
На средба со градоначаникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, министерот Димковски разговараше за идните политики за развој на земјоделството со посебен акцент на овоштарството, како и за можните локации во таа општина за изградба на откупно-дистрибутивен центар.
-Од почетокот на оваа година до денеска исплатени се над 1,6 милијарди денари субвенции за градинарите, полјоделците, лозарите и овоштарите. Исплатата на субвенциите за мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2019 година, продолжува и во следниот период, изјави Димковски и потсети дека според Програмата за 2018 година токму во преспанскиот регион се исплатени близу 438 милиони денари или над 7,1 милиони евра, за субвенции за мерките од Програмата за 2018 година.
Тој информираше дека денеска се исплатени над 391 милиони денари на 9.545 земјоделци кои имаат овошни насади со јаболка, сливи, праски, круши, кајсии, вишни, цреши, јагоди, малини, капини, боровинки, дуњи, мушмули, маслинки, јапонско јаболко, аронија, рибизла, гоџи бери, бадеми и лешници.
Димковски со својот домаќин, градоначалникот Гошаревски разговараа и за објавениот оглас за „Услуги за модификација на време со авионско засејување”, односно новиот модел за заштита од временски непогоди.
Како што е познато УХМР објави јавен оглас за „Услуги за модификација на време со авионско засејување” и за оваа намена преку Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се обезбедени 60 милиони денари со вклучен ДДВ.
-Заштитата од град со авионско засејување ќе се спроведува на целата територија на РС Македонија, а рокот за доставување на понуди е до 20 февруари годинава, беше нагласено за време на денешната работна посета на министерот Трајан Димковски во Општина Ресен.