На Тајланд досега уапсени се шест лица од различни делови на земјата поради ширење лажни вести за коронавирусот, изјави денеска тајландскиот министер за дигитална економија и општество, Будионгос Пунаканта.
Тој истакна дека последниот случај била 30 годишна жена, која наводно на својот Фејсбук профил објавила дека открила луѓе заразени од коронавирусот во областа Муанг и нејзината објава за брзо време се проширила на социјалните мрежи и порталите без претходно да биде проверена.
Според Пунаканта, објавувањето и ширењето лажни вести може да предизвика паника во јавноста, што може да доведе до погрешно спречување на вирусот и дискриминација на луѓето со обичен вирус.
Пунаканта додаде дека пласирањето лажни вести е кршење на членот 14 од Законот за кривични дела поврзани со интернет, со кој е предвидена казна од околу 3.200 долари или пет години затвор.
Владата на Тајланд формираше посебен центар кој заедно со полицијата ќе работи на откривање лажни вести.