Избрано најдоброто решение за кружниот тек во Битола

По објавениот јавен повик со наслов „Круг на јарболите“, објавен од Општина Битола за решение на кружниот тек на влезот во градот од страната на Прилеп, денес пред јавноста беа претставени притигнатите идејни решенија и победничкиот проект.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, истакна дека ова е можност да им се даде шанса на младите за да ги реализираат своите идеи, токму во местото каде што живеат.

„На повикот добивме пет апликанти и можам да кажам дека сите пет решенија се навистина креативни, инвентивни и убави на свој начин. Но квалитетот и вредноста во овој повик од една страна е што им овозможувате на граѓаните да се вложат и да се внесат во тоа како треба да изглеад нивниот град, а од друга страна, сите идеи и креативност која што ја имаат младите, да им дадете можност да биде материјализирана. Ова е прв повик од ваков карактер, но тука нема да застанеме. Идејата која е првонаградена ќе ја реализираме во кружниот тек, додека дел од останатите идеи ќе биде настојувано да бидат реализирани во останатите делови од градот, зависно од понудените карактеристики“, рече Петровска.

Победници на конкурсот се младите архитекти Мила Рориќ и Дејан Томски, кои го образложија своето идејно решение, преку кое ќе бидат претставени сите почесни конзулати во градот, со свои поставени знамиња.

„Појдовната идеја на нашето решение беше Кругот на јарболите да претставува еден пријателстки поздрав за секој посетител на градот, но и за жителите, исто како што градот Битола, како град на конзулите, претставува симбол на соработката на пријателството и народите. Ние секако се надевавме на победа во овој конкурс“, истакнаа победничките автори на проектот.

Победничкиот проект од страна на Општина Битола е награден со 1.000 евра, а останатите пријавени дела со по 100 евра.

Треба да знаете
Последни објави