За Анегловски ОТА не трпи влијанија ниту власта, ниту од опозицијата, за Димитриев во моментов нема квалитетен надзор

ОТА  е создадена и функционира како професионална агенција целосно независно тело, за кое, како што нагласи нејзиниот директор Зоран Ангеловски, не постојат никакви влијанија ниту од власта, ниту од опозицијата. Според претседателот на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Емил Димитриев, пак, Македонија во моментот нема квалитетен ниту парламентарен, ниту граѓански надзор.

Собраниската комисија денеска одржа седница, што беше затворена за новинарите, на која беа разгледани годишните извештаи за работата на комисијата и на ОТА.

Директорот на ОТА Зоран Ангеловски за МИА изјави дека е комплетно функционална, во тек е постапката за ажурирање на нејзиниот систем согласно техничкиот напредок, но и поврзување со другите надлежни институции и се направени првите стручни надзори над работата на операторите. Во развојниот план на ОТА се предвидува проширување на просториите, но и вработување нови лица.

Буџетот на ОТА во 2019 година бил околу 1,7 милион евра, од кои биле реализирани над 1,3 милион евра.

Како што објавија некои медиуми, Оперативно-техничка агенција (ОТА), според извештајот за работата во 2019 година, технички посредувала во активирање на мерките за следење на комуникациите во 522 случаи. Од нив, 269 комуникации биле следени за потребите на Бирото за јавна безбедност во МВР, а осум на барање на Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии. За другите 245 комуникации во извештајот не е наведена причината за следењето.
Димитриев за МИА изјави дека негова констатација е оти во Македонија во моментот нема квалитетен ниту парламентарен, ниту граѓански надзор.

Во однос на извештајот за работата на комисијата, истакна тој, генерално констатирал дека и покрај иницијативноста од нивна страна, каква што не било случај досега со претходните состави на комисијата, рече, од страна на мнозинството во собранието предводено од СДСМ бил целосно  блокиран надзорот и можноста за негово функционирање и надградување по примерот на земјите членки на НАТО и ЕУ.

– Сите иницијативи преку измени на законите или беа прифаќани само го прво читање, а на крајот од процедурата блокирани или целосно одбивани уште на почетокот. Таква судбина доживеаја измените на законот за следење на комуникациите кои беа заеднички предложени со СДСМ, двотретински ги изгласавме во прво читање, а потоа СДСМ избега од договореното. Со ова се блокира работата на комисијата, меѓутоа и на граѓанскиот совет, вели Димитриев.

Според него, и покрај транспарентната  постапка за избор на технички експерт, од страна на раководството на Собранието, како единствено надлежно за потпишување договори, не бил потпишан договорот на експертот кој комисијата едногласно го избра. Без технички експерт, истакна Димитриев меѓу другото,  надзорите се прилично површни.

– Многу е симптоматично што оваа комисија максимално се блокираше во своето работење, а Комисијата за одбрана, што ја раководи СДСМ, а исто така има надлежност за надзор во овие три години не направи ниту еден надзор. Дали има нешто што парламентарниот и граѓанскиот надзор не треба да го видат, изјави Димитриев.

За Димитриев во однос на годишниот извештај на ОТА разочарувачки делува фактот што Собранието на иницијатива на оваа комисија во почетокот на октомври лани одбило да расправа за проблемите на ОТА иако е нејзин основач, а проблемите, подвлекува, стануваат се поголеми.

– Дел од проблемите се нерешени, просторни услови и плаќање ќирии, недефинирани се односите помеѓу службите кои креираат проблем во системот. Собранието не прифати да се рагледа измената на Законот за ОТА, со што ОТА ќе може да ја тестира својата опрема со увид на сите засегнати страни пропишани во подзаконски акти, нешто што е голем ризик и акутен проблем, што не може да чека на конституирање на наредниот парламентарен состав, вели за МИА по завршувањето на седницата на Комисијата Димитриев.

Треба да знаете
Последни објави