Поранешната бр.1 на ВТА листата, Белгијката Ким Клајстерс ќе го направи своето враќање во професионалниот тенис на турнирот во Дубаи, кој започнува на 17 февруари. 36-годишната Клајстерс доби „вајлд карта” за турнирот на тврди терени со награден фонд од 2,53 милиони долари.
Белгијката, која е мајка на три деца, ја прекина кариерата во септември 2012 година по УС Опен, но минатата есен најави дека планира да се врати на тениските терени. Клајстерс има 41 титула во сингл, од кои четири Гренд-слем турнири и три трофеи од Шампионатот на ВТА.
Швајцарката Белинда Бенчиќ ќе ја брани титулата на турнирот, а ќе учествуваат и шампионката на Австралија опен, Софија Кенин (САД), победничката на Вимблдон Симона Халеп (Романија) и на УС Опен – Бјанка Андреску (Канада), како и двократната шампионка на Дубаи, Елина Свитолина (Украина).