Шестмина од новоименуваните амбасадори на Република Северна Македонија денеска ќе реферираат пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика. Првично, Комисијата беше најавена за петокот, но одложена е за денеска.
Своите платформи за дипломатски активности ќе ги претстават амбасадорите Теута Агаи Демјаха во Мисијата на Обединетите нации во Женева, Шпреса Јусуфи во дипломатско-конзуларното претставништво во Приштина, Шабан Јашари во дипломатско-конзуларното претставништво во Доха, Светлана Гелева во Мисијата во Советот на Европа, Стразбург, Данчо Марковски во дипломатско-конзуларното претставништво во Тирана и Фатон Бејта во дипломатско-конзуларното претставништво во Копенхаген.
Владата кон средината на декември минатата година на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.
За некои од амбасадорските кандидати имаше реакции во јавноста за нивната компетентност да ја претставуваат земјата, како за тоа во Пекинг, но и поради тоа што некои од кандидатите имаат двојно државјанство, а согласно членот 36 од Законот за надворешни работи функцијата „амбасадор” може да ја извршува лице, кое е државјанин само на Република С. Македонија. Шшефот на дипломатијата Никола Димитров кон крајот на минатата година рече дека од јуни 2017 година, до денес, 87,5 осто од дипломатите се кариерни, за разлика од периодот од 2006 до 2017 година кога тој процент изнесувал 33.
Димитров изрази задоволство од сегашните решенија, напоменувајќи дека тие се успешна комбинација меѓу принципите и уметноста на можното.
Тој во неодамнешното интервју за МИА истакна дека најверојатно, најбрзо ќе бидат упатени тие коишто одат кон мултилатералните центри, како на пример во Советот на Европа, бидејќи таму е поедноставна процедурата.
-За билатералните сме во фаза сме на чекање согласност, односно агреман од односната држава каде што е упатен, каде што ќе бидат упатени односните амбасадори. Убаво ќе биде овој процес да тече во балансот меѓу принципот и уметноста на можното во политиката мислам дека имаме еден добар баланс. Никогаш во историјата на македонската дипломатија не сме имале толку кариерни амбасадори, не само формално, да речеме ако сакаме вас да ве пратиме амбасадор, па да ве вработиме во МНР да поминете тука неколку месеци и ве праќаме надвор како кариерен од МНР сте. Такви сме имале седум во претходниот период. Сега немаме ниту еден, нагласи шефот на дипломатијата во интервјуто за МИА.
Република Северна Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.
САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри. Таму сега наместо амбасадори имаме вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.
Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина, согласно предложениот закон за надворешни работи, ќе бидат дипломати од кариера.
Претходно денеска Комисијата за надворешна политика треба да одржи седница на која треба да бидат разгледани измените на Законот за надворешни работи, по скратена постапка.