Владата го повлече на доработка Предлог-законот за Јавно обвинителство, откако владејачката ДУИ побара текстот кој вчера бил усогласен на вечерната владина седница, потврдуваат за „Локално“ собраниски извори.
Повикувајќи се на членови од Уставот и собранискиот Деловник, премиерот Оливер Спасовски вечерва испратил писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, со кој го повлекува Законот, а веројатно е дека седницата ќе се одржи утре, откако ќе се ратификува Протоколот за влез во НАТО.
Предлог-законот влезе во собраниска процедура откако вчера власта доби мнозинство од 80 пратеници, што е потребно за изгласување на Законот за Јавно обвинителство.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери пак, денеска кажа дека најверојатно Собранието наместо во среда, ќе биде распуштено во недела, откако овој датум го добил како оптимален од страна на Државната изборна комисија.