Трофејиот шпански фудбалски стратег Пеп Гвардиола кој сега го предводи актуелниот англиски првак Манчестер сити крена раце од можноста да направи хет-трик со шампионските титули во Премиер лигата. Се откажа од трката со ливерпул кој 30 години чека да го крене повторно шампионскиот пехар. Манчестер сити и Гвардиола ги насочуваат своите мисли кон Лигата на шампионите. „Граѓаните“ во осминафиналната нокаут-фаза за противник го добија најтрофејниот колектив со тринаесет европски „круни“ Реал Мадрид.
– Ако не го елиминирам Реал Мадрид, може да дојде газдата на Сити и да ми рече: Не си доволно добар, ќе добиеш отказ. Навистина не знам, такви работи се случуваат во фудбалот и можно е да се случи. Но, од друга страна пак, може да дојде и да биде задоволен, да каже дека сме одиграле добро. Јас се обидувам само да го подобрам овој тим од првиот ден кога дојдов тука, тоа ми е целта – изјави Пеп за „Скај Спортс“ и додаде:
– Никогаш не сум се сметал за најдобар тренер, ниту во моментот кога освоив шест титули едноподруго и триплетата со Барселона. Ги освоив тие трофеи бидејќи имав неверојатни играчи. Од друга страна, има други големи тренери кои не тренираат толку добри тимови. Јас сум добар тренер, но не и најдобар. Дајте ми тим кој не е како Манчестер сити и нема да победувам како сега.