Солскјер улогата на Роналдо во Манчестер јунајтед ја спореди со таа на Џордан во славните времиња на Чикаго

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата искусниот 36-годишен португалски интернационалец Кристијано Роналдо по кој знае кој пат сезонава откако се врати на „Олд Трафорд“  е спасител за англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед. Оваа улога Роналдо ја одигра и на синоќешниот натпревар од 4. коло во групата од елитното клупско натпреварување Лигата на шампионите на гостувањето во Бергамо кај калчолигашот Аталанта откако ги постигна два гола во последните мигови од првото и второто полувреме во судиското надополнување пред да се слушне последниот судиски свиреж за да биде избегнат непријатен праз (2:2). Манчестер јунајтед по ремито со Аталанта (2-2) се задржа на првото место во групата поради подобра гол-разлика од шпанскиот Вилјареал кој има ист број на бодови – седум. Аталанта заостанува два бода, Јан Бојс четири.

Колку Роналдо е важен во составот на „црвените ѓаволи“, потврди тренерот Оле Гунар Солскјер по средбата во Бергамо.

-Кристијано за нас е тоа што Мајкл Џордан беше за Чикаго во периодот кога освојуваа титули. Неговиот погодок за изедначување беше како моментот кога американскиот кошаркар постигнуваше кош за НБА-трофеј во продолжетоците, изјави Норвежанецот кој е под голем притисок на „Олд Трафорд“ токму поради резултатите кои се очкуваат од тимот.

Роналдо беше спасител на Манчестер јунајтед и пред две недели против Аталанта кога финишот од натпреаврот на „Олд Трафорд“ го постигна голот за целосен резултатски пресврт (3:2) откако гостинот од Италија во првиот дел имаше и предност од 2:0.

-Тој е неверојатен и ако постои некој фудбалер на светот на кого сакате да му ја дадете топката во решавачките моменти, тоа е Кристијано. Тој е најдобар стрелец во светот, што и не е лесно да го кажам, бидејќи и мене ме надмина по бројката голови во дресот на Јунајтед, додаде Солскјер.

Треба да знаете
Последни објави