Вкупно четворица припадници на Иранската исламска револуционерна гарда и тројца сириски војници загинаа доцна синоќа во воздушните напади во близина на Дамаск, кои му се припишуваат на Израел, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права.
Околу 15 минути пред полноќ по локално време, ракетите погодиле пет магацини со оружје во близина на меѓународниот аеродром Дамаск, а била нападната и воена позиција јужно од сирискиот главен град, објави Ал Арабија, повикувајќи се на неименувани извори.
Нападот се случи неколку часа по испораката, наводно на муниција, која пристигнала на аеродромот од Техеран.
И Сирија и опсерваторијата со седиште во Велика Британија тврдат дека Израел стои зад нападите, јавуваат израелските медиуми.
Израелската армија не коментираше ништо, во согласност со својата политика да не потврдува ниту да демантира ваквите операции во странство.