Двајца припадници на христијанската верска заедница Јеховини сведоци осудени се за екстремизам во Русија, а уапсени се четири лица, од кои еден е малтретиран во притвор, соопшти верската заедница.
Судот во Камчатка ги осуди Михаел Попов и неговата сопруга Јелена на парична казна од 350.000 и 300.000 рубљи (околу 5.000 и 4.300 евра) поради учество во екстремистички активности поврзани со нивното членство во Јеховини сведоци.
Во текот на оваа недела руската полиција претресе околу 40 домови на Јеховините сведоци во Чита, град во јужен Сибир и уапси четири членови на групата.
Русија во 2017 година ја забрани групата Јеховини сведоци и ја прогласи за екстремистичка организација. Од тогаш, стотици членови на групата се уапсени во рации и гонети. Дваесет и девет членови на верската заедница се осудени, деветмина се осудени на затворска казна. Повеќе од 300 членови на групата во моментот се под истрага.