Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ на семејствата на настраданите во двократното убиство во казиното „Вегас“ во Визбегово, изрази најдлабоко сочувство за нивната огромна загуба.
„Овој страшен инцидент мора да биде соодветно разрешен. Изразуваме јавна поддршка и ги охрабруваме сите надлежни институции во најкус можен рок да ги најдат разбојниците и да ги изведат пред лицето на правдата. Само експресна реакција на полицијата и правосудните органи ќе ги спречи и обесхрабри сите нови обиди за вооружени грабежи на објектите каде се организираат игри на среќа, како синоќешниот во кладилница во Ченто, каде за среќа нема жртви и сериозно повредени.
Најостро ја осудуваме реакцијата на движењето „Антикоцкање“ од Тетово, кое дрско го злоупотреби овој немил настан, без да ја почитува тагата на семејствата на настраданите, за да се обиде да ја врти водата на своја воденица и дополнително ги аргументира своите крајно нелогични и погрешни барања и уцени за законски измени на регулативата за игри на среќа. Имено, за волја на вистината, казиното каде се случи двократното убиство е лоцирано токму како што бара „Антикоцкање“, надвор од урбана средина, на магистрален пат, на десетици километри од центарот на Скопје. Впрочем, очигледно е дека на разбојниците им е многу полесно со тешко вооружување како автоматски пушки да извршат напад во изолирани објекти како овој, кој повеќе пати е цел на разбојнички напади, отколку да ги напаѓаат објектите во урбаните средини. Кога би биле бесчувствителни како нив, сега би рекле дека ова двократно убиство е најдобар доказ дека предлогот на „Антикоцкање“ за дислоцирање на сите објекти каде се организираат игри на среќа на 3 км од населените места, е целосно погрешен и ќе стимулира беззаконие и криминал.
Огорчени сме што ДУИ и „Антикоцкање“ воопшто не водат сметка за 7.700 вработени во овој сектор, преку чии плати се ранат 24.000 нивни сограѓани и индиректно се поддржуваат 54.000 работни места. Вакви страшни инциденти во кои се губат човечки животи треба да ги замислат и да ги натераат да ги преиспитаат нивните целосно погрешни барања, кои не се практикуваат во ЕУ, каде Република Северна Македонија тежнее да се интегрира“ се вели во соопштението на здружението.