Почитувани граѓани,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани претставници на медиумите,
Денеска пред нас е Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, со што целосно се заокружува мандатот на овој парламентарен состав и официјално влегуваме во предизборен период, во пресрет на предвремените парламентарни избори.
Завршува мандатот на еден парламентарен состав кој за три години помина низ многу премрежја, се соочи со многу тешки моменти, преброди сериозни кризи…
Но, тоа не нѐ спречи во намерата да донесеме сериозни и значајни историски одлуки, кои ја дефинираат и обезбедуваат иднината на нашата држава, одлуки кои гарантираат развој, напредок и стабилност.
Само ќе ве потсетам на свеченоста од пред неколку дена кога го ратификувавме Протоколот за членство во НАТО.
Верувам дека немаше ниту еден пратеник кој во тие моменти не беше горд на успехот што го постигнавме, на тоа што го остваривме повеќе деценискиот сон на нашите граѓани и што ја потврдивме нашата и иднината на младите генерации.
Мора да признаеме дека на овој свечен момент му претходеше период на сериозни и тешки одлуки.
Договорот за добрососедство со Бугарија, Договорот од Преспа коишто Владата, со својата политика на промоција на добрососедство и соработка, успеа да ги постигне, како и реализацијата на уставните измени беа одлуки кои на своите плеќи ги износевме ние, поголемиот дел од парламентарното мнозинство.
Тоа беа сериозни процеси кои бараа одговорност, совест и целосна посветеност и со гордост можам да кажам дека успеавме.
Република Северна Македонија ја вративме на прав пат и од земја во изолација заборавена од сите, ја направивме земја пример во регионот и светот, која ја поддржува цела меѓународна заедница.
Почитувани граѓани,
На 12 април оваа година не очекуваат предвремени парламентарни избори. Граѓаните повторно ќе имаат можност да одлучат кому ќе му ја дадат довербата за наредниот мандат.
Граѓаните ќе се соочат со избор меѓу две дијаметрално спротивни политики. Едната е политиката што ја реализира СДСМ, а тоа е политиката на просперитет, политиката во која главната грижа е граѓанинот, неговата благосостојба, како и напредокот на државата.
Другиот избор е политиката на бесперспективност, на заштита на корупцијата и на криминалот, што впрочем го видовме и денеска со гласањето против Законот за јавно обвинителство. А да не зборувам дека со ниту еден збор не се оградија од режимот на Никола Груевски и сите злодела врз државата, врз граѓаните, за сиот грабеж што го направија…
СДСМ во изминатиов период откако ја предводи Владата покажа дека интересите и потребите на граѓаните се единствена цел за која се залагаме и за која работиме.
Политиките што ги реализираа СДСМ и коалицијата позитивно влијаеа и го допреа буквално секој граѓанин на нашата држава.
Ја вративме евтината тарифа на струјата, ја укинавме радиодифузната такса, гонамаливме ДДВ-то за парното, ги намаливме казните, гинамаливме трошоците за Катастар, нотари изрвшители и адвокати.
Минималната плата ја зголемивме два пати, прво на 12 илјади денари, а потоа на 14.500 денари. Тоа значи дека кај секој работник годишно ќе завршат дополнителни 66.000 денари. Просечната плата СДСМ за две години ја покачи за над 2.200 денари.
За две и пол години платите во основното и во средното образование ги покачивме за 2.100 денари.
За жал ВМРО-ДПМНЕ и Влатко Ѓорчев го блокираа порастот на платите и во високото образование. Но, тоа е реалноста, тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
Просечната плата во здравството ја зголемивме за 4.700 денари, во одбраната меѓу 3.000 и 4.000 денари. Огромен пораст на платите има кај социјалните работници, во просек од 6.700 денари во однос на 2015 година, додека воспитувачките во градинките сега земаат плата за повисока за близу 5.000 денари.
Покачување на платите и големи бенефиции има и во секторот земјоделие. Невработеноста опадна на рекордно ниски 17,5 проценти, а за една година се отворија 60 илјади нови работни места. Повеќе пари има и за 330 илјади пензионери, пензиите пораснаа за 700 денари, а се очекува во наредниот период да пораснат уште до 200 денари.
СДСМ го реши проблемот со стечјаците, исправивме историска неправда. Со последните законски измени речиси 12.000 стечајни работници добиваат месечен надомест над 8.000 денари до нивно пензионирање.
Има инвестиции во инфраструктурата, во автопатишта, регионални и локални патишта, интензивно се одвива проектот за гасификација…
Почитувани граѓани,
Многу е постигнато, многу е направено, но има уште многу да се работи. Прашање на денови е кога Република Северна Македонија ќе стане членка на НАТО, а се очекува многу скоро да добиеме и датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Тоа се процеси кои на нашата држава ќе и обезбедат развој и напредок, но тоа ќе се случи само ако знаеме како и ако има искрена волја за тоа.
Ние покажавме и дека знаеме и дека можеме и дека имаме желба за тоа.
Затоа граѓаните на 12 април ќе се определбат СДСМ и коалицијата, ќе се определат за континуитет на политиките кои гарантираат просперитет и стабилна држава.
Почитувани колеги,
На крајот сакам да упатам апел до сите вас, до сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите, до сите институции коишто се вклучени во овој процес, како и до сите граѓани, определени или не, поддржувачи на одредени партии или не…
Мораме да дадеме приоднес, мораме да направиме се што е во наша можност на 12 април да имаме перфектни, кристално чисти и регуларни избори. И дома и на нашите меѓународни пријатели да им покажеме дека ние сме европска држава која ги цени и ги практикува европските вредности. Бидејќи само така и реално ќе бидеме дел од големото и за нас многу значајно европско семејство.
Тоа го заслужуваат македонските граѓани, бидејќи тие најдобро знаат каква иднина сакаат за себе, за нивните деца и за нивната држава.
А на сите вас мои колеги искрено ви посакувам добро здравје и благосостојба.