Новиот Закон за енергетска ефикасност кој минатата недела беше изгласан во Собранието на Северна Македонија и беше објавен во Службен весник на денеска стапи на сила.
Материјата за енергетска ефикасност досега беше регулирана со стариот Закон за енергетика од 2011 година и соодветните подзаконски акти. Имајќи го тоа предвид, постоеше значајна бариера за имплементација на мерки за енергетската ефикасност во нашата држава.
Старото законско решение го попречуваше развојот на пазарот на енергетските услуги, со тоа и инвестициите во оваа област, иако приближно 300 енергетски контролори посетија обуки и положија испити, по што се стекнаа со овластување за вршење на енергетска контрола и соодветно на тоа околу 80 друштва се стекнаа со лиценца за вршење на енергетска контрола.
Со новиот Закон за енергетска ефикасност кој откако беше објавен во Службен весник и од денеска стапи на сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија.
Уште поважно, новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење на енергетски контроли конечно ќе можат да отпочнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата држава.
Новиот закон, покрај другото, детално ги регулира енергетските контроли кај големите трговци и енергетските контроли на зградите, како засебни области. Конкретно, во иднина енергетските контроли ќе се вршат од обучени и овластени контролори за секоја област посебно – енергетски контроли на големите трговци од една страна и енергетски контроли на згради од друга.
Ова законско решение им овозможува јасни услови за работа на енергетските контролори и друштвата кои се стекнале со лиценца за вршење на енергетски контроли, како и нови вработувања во овој сектор. Исто така, со поделбата на контролите во две засебни области, очекуваме повисок квалитет на енергетските контроли и со тоа зголемување на енергетската ефикасност воопшто.
Согласно предложените решенија на законот, јавниот сектор ја презема водечката улога и е обврзан да дава позитивен пример во поглед на подобрувањето на енергетската ефикасност во Република Северна Македонија. Законот пропишува бројни обврски и мерки во овој поглед, како што се обврските за реконструкции на зградите во јавниот сектор на среден и долг рок и обврските за јавни набавки на исклучиво енергетски ефикасни стоки и услуги.
Понатаму, законот пропишува и обврски за следење на потрошувачката и заштедите на енергија од страна на општините и другите лица од јавниот сектор. Со ова, јавниот сектор, а пред се Владата и Министерствата, ќе ја преземат водечката улога кон остварување на целите за енергетска ефикасност, кои покрај користа која ја донесуваат за нашите граѓани и економијата, претставуваат обврска согласно преземените обврски со Договорот за енергетската заедница, на патот на нашата држава кон полноправно членство во ЕУ.
Законот исто така пропишува обврски во врска со енергетската ефикасност при пренос, дистрибуција и снабдувањето со енергија, со што ги надополнува соодветните одредби од Законот за енергетика. Потрошувачите на пазарите на енергија во иднина ќе можат да очекуваат инструменти и мерки со кои ќе можат да остваруваат заштеди при користењето на енергенси, а кои ќе ги нудат снабдувачите и дистрибутерите на овие пазари.
Важно е исто така да се спомене дека законот ќе овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО. Со ова законско решение, се прецизираат одредбите и модел-договорите кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како за реконструкции на згради така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации.
Важно е да се нагласи дека со користењето на овој модел, таквите инвестиции нема да претставуваат трошок за корисниците бидејќи истите се финансираат од самите остварени заштеди на енергија. Во овој поглед, очекуваме заживување на пазарот на енергетски услуги и со тоа значајни вложувања, посебно во јавниот сектор, на еден ваков иновативен начин – реконструкции и заштеди без значајно финансиско отпретување на корисниците на овие енергетски услуги.
Со ова, граѓаните покрај подобрување на енергетската ефикасност на згради кои ги користат државните органи и општините, ќе можат да очекуваат и реконструкции на училишта, болници и други објекти кои ги користат секојдневно.
Законот воведува новини и во однос на улогата на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија во однос на поддршката на развојот на енергетските услуги преку обезбедување на информации, објавување на модел-договори и примери на одредби, како и техничка поддршка на јавниот сектор во врска со енергетските услуги.
Понатаму, законот донесува новини во однос на барањата за истакнување на информации и етикета со која се означува класата на енергетска ефикасност и еко-дизајнот на производите што користат енергија и кои се нудат на пазарите во државата. Со тоа, законот ќе обезбеди понуда на исклучиво енергетски ефикасни производи и информираност на граѓаните во врска со нивото на потрошувачка на одделните групи на производи.
Овие законски решенија се воведуваат согласно најновите прописи кои се во примена во ЕУ, но на начин и динамика кои соодветствуваат на нашата реалност, секако имајќи ги предвид потребите на трговците и снабдувачите со производи во врска со успешната и долгорочна примена на овие барања во иднина.
Новината исто така е и дека секој граѓанин приклучен на системот на топлинска енергија ќе има можност да се исклучи од постојниот систем за греење само во случај кога системот на кој планира да се приклучи или системот за поединечно греење и/или ладење којшто ќе го користи, обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење и/или ладење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција, што ќе може да го докаже со извештај од претходно извршена енергетска контрола изготвен од овластен енергетски контролор за згради. Истовремено граѓанинот треба да безбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење и/или ладење од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата согласно Законот за домување.
На крајот сакаме да информираме дека, со цел да овозможи остварување на целите и поддршка на политиките за енергетска ефикасност пропишани согласно овој закон, се предвидува и основање на Фонд за енергетска ефикасност како независно и самостојно правно лице.
Средствата од Фондот ќе се користат за финансирање на проекти и мерки за енергетска ефикасност, следејќи ги примерите од други држави од Европската унија, каде Фондовите за енергетска ефикасност постојат подолго време и успешно го помагаат развојот на енергетските услуги и подобрувањето на енергетската ефикасност воопшто. Деталните услови и начинот на работење на Фондот ќе се уредат со посебен закон.
Со новиот Закон за енергетска ефикасност нашата држава ќе добие уште едно модерно, современо законско решение кое ќе овозможи придобивки во неколку области:
-подобрување на енергетската ефикасност и остварување на заштеди на енергија како примарна цел;
-нови вработувања и заживување на работата на друштвата кои даваат енергетски услуги и вршат енергетски контроли;
-законска рамка за реализација на проекти за реконструкција на згради,
-набавка на енергетски ефикасна опрема и инсталации, како и други енергетски услуги без значајно финансиско отпретување на корисниците на тие услуги;
-воведување на можности за дополнителна финансиска поддршка за реализација на проекти за енергетска ефикасност, преку основањето на Фондот за енергетска ефикасност со посебен закон; и
-подобрување на енергетската ефикасност на производите достапни на пазарите во Република Северна Македонија, согласно новите правила за означување и еко-дизајн на производите што користат енергија.