Пекинг, 18 февруари 2020 (МИА) – Страствениот кинески атлетичар, Пан Шанцу, истрчал ултрамаратон во својот дневен престој, откако останал затворен во станот заради страв од коронавирусот, очајнички обидувајќи се да остане физички подготвен.
Кинеската Влада агресивно ги поттикнува луѓето на телесни вежби за да им го засили имунитетот и да се борат со заразата која досега однесе над 1.790 животи и предизвика глобална загриженост и узбуна.
Шанцу со леснотија ќе освои неофицијален златен медал бидејќи за 6 часа и 41 минута во станот истрчал 66 километри. Неговата апликација со податоци сето тоа го докажува, а атлетичарот снимил и видео како трча околу мебелот во станот.
-На почетокот малку ми се вртеше во главата, но се навикнав по толку многу истрчани кругови, рече 44-годишникот од Хангџоу.
Во друга прилика тој истрчал во место цели 30 километри, и тоа во својата бања, а сето тоа во живот го пренесувал на интернет. Самиот кажува дека со овие примери сака да ги поттикне другите луѓе кои сега се „заковани” за своите домови.
Кинеските власти почнаа посебна кампања во која нивните олимпијци на населението му демонстрираат како да останат „фит” во „привременото заробеништво” во нивните домови заради стравот од коронавирусот.