Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски коментира каква кампања очекува со оглед на тоа што техничка влада што ги спроведува изборите ќе биде без министер за труд и социјална политика.
-Па до сега можам да ја оценам би рекол функционирањето на техничката влада и однесувањето на владата пред да биде именувана техничката влада, како исклучително не фер и недостоинствена во процесот на спроведување на фер и демократски избори. Но, тоа повторно ќе кажам, не треба да биде разбрано дека еве ВМРО-ДПМНЕ се жали, напротив покрај сите овие предизвици и злоупотреби во буџетот, вештачки вработувања и натрупувања во државната администрација, сеуште замрзнатиот имот, неисплатеното со закон загарантирано финансирање на политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ е убеден во мудроста на граѓаните и во огромна победа на 12-ти април, вели Мицкоски.
Тој пак го повикува Заев на ТВ дуел.
–Па мислам дека тоа е добра алатка за да видиме и да се соочиме пред граѓаните, логично нели двајцата кандидати за мандатари во идната влада, логично е да имаме едно ете предизборно соочување. За време на изборите претпоставувам ќе имаме и други можности да поразговараме и добро е да направиме еден рекапитулар што се се случуваше во изминатиот период. Очекувам Зоран Заев да се охрабри, да не се крие, да излезе и да поразговараме пред граѓаните, околу актуелната ситуација, реалноста дали блескаме или сме во мизерија, дали навистина државата оди напред и како што вели тој по правиот пат или пак, на државата и треба обнова од овој пекол кој што го направија, рече Мицкоски.
https://youtu.be/Pst9D12dWAU?t=318
Според него, носителите на кандидатските листи ќе бидат објавени помеѓу 1 и 5 март, а останатиот список не подоцна од 10 март, а најголем дел луѓе што за прв пат би се нашле на пратеничката листи, но ќе има и такви чиe што искуство е потребно во рамките на пристојно функционирање во Парламентот.
Во однос на случајот „Рекет“ и од пи – мерките од кои се гледа дека специјалната обвинителка Катица Јанева за Мицкоски ситуацијата е јасна како ден.
-Ние нема што да коментираме, се знае кој е октоподот, сега многу јасно се гледа главата на октоподот. Не треба ние воопшто да се мислиме, ниту пак да одгонетнуваме било какви ребуси. Јасно е што подразбира октопод наречен рекет во случајов, кој е главата на тој октопод. За жал го видовме вчера на повишен тон како бара правда во нашата држава, претпоставувам бара нова амнестија 3-4-та, која е таму по ред за тоа лице. Многу е јасно и на тие пи-мерки ова рекетирање станало семејна забава. Па гледаме не само Зоран Заев, туку и неговиот брат се состанувал со еден од тие кои што се осомничени, осуден и ако не се лажам во овој случај „Рекет“. Сигурно не разговарале за романи или било каква поезија, претпоставувам дека тема на разговорот биле бизнис интереси, бизнис зделки меѓу кои што неминовна тема сигурно била и случајот „Рекет“. Инаку Зоран Заев неколку пати во минатото кажа дека се оградува, па те црвена линија му е не се оградува, па пак се оградува, за накрај да видиме дека осомничената односно притвореничката Јанева, и тоа замислете, одела во резиденцијата на претседателот на Владата. Сигурно таму не се среќавала со некои од обезбедувањето, претпоставувам се среќавала со Зоран Заев, претпоставувам дека тема на муабетот биле разговори поврзани со случаевите во Специјалното Јавно Обвинителство. Истовремено гледаме како веќе овој осудениот, кој што призна вина, одел во Владата, а претходно Зоран Заев ако сеќавате рече дека само еднашка се сретнал со тоа лице, кога овој му носел инвеститори во владата, а гледаме дека таму на задниот влез влегол сам без да биде придружуван од било какви инвеститори. Така што јасно е. Секој оној обвинител кој што сака да обвинува според законите и кој што сака да го приведе овој случај до крај, се знае кој е овдека главниот организатор, инспиратор, сценарист на целиот случај поврзан и наречен „Рекет“. Така што, што и да коментираме, ние повторно можеме да се забавуваме и секој ден да си коментираме. Треба обвинителството да постапува и доколку вчера оној беше марш за правда и доколку вистински ја сакаме правдата, еве им можност да постапуваат според словото на законите и да вистинските обвинети во случајот да бидат изведени пред лицето на правдата. Сега е јасно зошто текстот на законот за јавно обвинителство требаше да биде таков каков што е, така што немам навистина што да додадам, освен тоа еве да апелирам до надлежните органи за транспарентна и целосна постапка поврзана со случајот „Рекет“ без разлика дали во тие пи мерки влегол братот дали влегол другиот брат, дали влегол братучедот или некој друг, рече Мицкоски.
Прашање: Вчера најавивте дека правниот тим на вашата партија ги разгледува можностите за поднесување на претставки до надлежни институции за начинот на кој што беше донесен законот за совет на јавни обвинители. Имате ли нови информации до кои институции ќе се обратите?
Одговор: Видете, правниот тим на партијата ја анализира целокупната постапка од правен аспект и кога ќе биде завршена анализата, констатирани недоследностите и аномалиите ќе постапиме соодветно на препораките. Претпоставам дека тука ќе има многу работи кои што се поврзани со непочитување на процедурата во рамките на парламентот, со непочитување за деловникот за работа, кој што истовремено е закон, непочитување на Уставот, се сеќавате претходно предлог-законот беше донесен, па видоизменета беше верзијата, истиот не беше повлечен, не беше одобрен на нова владина седница што е само по себе противуставно. Се гласа, во првиот обид на гласање имаше 74, така што немаше 5 плус или минус, па да се премине кон поединечно гласање, од необјаснети причини се поништи сето тоа. Целата оваа работа е само уште едно дополнително разочарување за граѓаните. Навистина не знам и немам што да додадам, шансата е 12-ти април, денот кога граѓаните ќе зборуваат гласно, а јас ветувам дека после тоа ќе има одговорност за сите оние за кои што постои основано сомнение за сторен криминал без разлика дали биле дел од СДСМ, без разлика дали биле дел од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса на Албанците, Беса и било која друга политичка партија или се политички неопределени. Суштината е да имаме вистинска правда во државава и вистинско владеење на правото. Ние со ПР алатки, со разно разни политики, можеме се и сешто да правиме, но целата јавност виде што се случи таму и тоа не може да се избрише. Секој оној кој што е реален, секој оној кој што го гледа тоа што се случуваше ќе пресудува и суди дали ние како опозиција сме во право или тие кои што на таков недостоинствен начин во законодавниот дом ја протуркаа таа процедура, срамна би рекол. Така што тука би завршил со одговорот на Вашето прашање, навистина немам што да додадам.