Како координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата во Собранието на Република Северна Македонија со задоволство можам да констатирам дека за изминативе две и пол години завршивме одлична работа.За овие три години донесовме низа историски одлуки кои ја обезбедија иднината на државата и го трасираа патот на успехот, просперитетот и напредокот. Спроведовме реформи кои гарантираат безбедност, кои гарантираат правда и владеење на правото, кои ги штитат човековите права на нашите граѓани, изјави пратеникот на СДСМ, Јован Митрески.
Според него, со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство и на Законот за Советот на јавни обвинители, се заокружени реформите во правосудството.
„На овие два закони им претходеа Законот за судови и Законот за судски совет со што го поставивме темелот на судските реформи.Реформи кои се поддржани и од нашите меѓународни пријатели, ЕУ и САД.Создадовме услови за силна правна држава, ослободена од притисоци, ослободена од политички влијанија. На меѓународен план, преку ратификувањето на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ги затворивме децениските отворени прашања и ги отворивме европските перспективи.Со ратификацијата на Северноатлантскиот договор, го усвоиме најважниот меѓународен документ во историјата и ја обезбедивме иднината во НАТО. Уставните измени и имплементацијата на Договорот од Преспа беа предизвик со кој ние како пратеничка група се успешно соочивме.Вербата дека на овој начин ја гарантираме иднината на нашата држава, дека ги реализираме нашите стратешки определби, дека за нашите генерации обезбедуваме просперитет, беше мотивот што ни помогна да успеееме“, рече тој.
„За само две и пол години после крвавиот четврток на 27 април, ние како парламентарно мнозинство успеавме да го вратиме дијалогот во Собранието на Република Северна Македонија.
Нашиот парламент стана институција која е пример за соработка, која ги отвори вратите за граѓанските организации, која ја унапреди парламентарната дипломатија, која ја зголеми транспарентноста и одговорноста пред граѓаните.Направивме многу, покажавме дека сме одлучни во нашата намера Република Северна Македонија да стане европска држава со европски вредности“, додаде Митрески.
Пратеничката Јагода Шахпаска истакна дека парламентарниот состав што го предводеше СДСМ ќе остане запаметен по клучните одлуки што нашата држава, Република Северна Македонија ја вратија на светската мапа, позитивен пример на Балканот и светот, членка на НАТО и на прагот да започне преговори со Европската Унија.
„Но, она што со гордост можам да го кажам е дека за пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери граѓаните беа фокусот на нашето работење. Нивните секојдневни потреби, покачувањето на платите, социјалната заштита, намалување на казните, унапредување на стандардот, олеснување на условите за бизнис се дел од мерките со кои успеавме да го подобриме нивното секојдневие. Ние покажавме дека работиме во интерес на граѓаните и дека знаеме како идејата да ја преточиме во реалност.На 12 април граѓаните тоа ќе го препознаат и ќе се определат за СДСМ и нашите политики.И по 12 април продолжуваме да работиме со и за граѓаните“, истакна таа.