Ѓонул Бајрактар, заменикот на министерот за труд и социјалната политика, со заклучок на Владата ги презел овластувањата и одговорностите во раководењето со Министерството за труд и социјална политика.
-На 10. редовна седница Владата на Република Северна Македонија донесе заклучок со кој се констатира дека се создадени условите од член 48, став 2, од Законот за организација и работа на органите на државната управа и од тие причини Ѓонул Бајрактар, заменикот на министерот за труд и социјалната политика, ги презема овластувањата и одговорностите во раководењето со Министерството за труд и социјална политика, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Од Владата појаснуваат дека согласно со став 2 на член 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа во делот 4 што го уредува раководењето со органите на државната управа и нивни меѓусебни односи, се вели дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.
Изминатиот викенд, пред распуштањето на Собранието, беше разршена министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, на предлог на премиерот Оливер Спасовски, откако таа се појави на конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија”. Со тоа, како што образложи Спасовски, се прекршени законите кои го уредуваат уставното име на земјата. Спасовски испрати барање до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да предложи друг кандидат за министерската функција, но тоа не се случи.