ЕК се закани со „обврзувачки мерки” по состанокот со Фејсбук за содржините со омраза

 – Европскиот комесар за индустрија, Французинот Тиери Бретон, ги предупреди платформите на социјалните мрежи со „обврзувачките мерки” доколку не ги саморегулираат содржините во кои има омраза, недозволена содржина или лажни вести, јави дописникот на МИА.

Поранешниот француски министер за економија ова го истакна по состанокот во Брисел со сопственикот на најголемата социјална мрежа, Фејсбук, Марк Закерберг. Притоа Бретон рече дека имал „многу добар дијалог” со него.

– Платформите, особено Фејсбук, имаат очигледна одговорност во однос на нашите сограѓани… и во однос на демократијата. Разговаравме многу… за потребата сега да се ставиме во позиција да ги контролираме сите овие активности. Ако сите платформи кои работат на европскиот континент не интервенираат во случај на злоупотреба, ние ќе бидеме должни да интервенираме построго, предупреди Бретон.

На крајот на годината, Европската комисија планира да претстави законодавен инструмент за дигитални услуги, наречен „Акт за дигитални услуги”. Тој, според Бретон, содржи мерки што може да бидат обврзувачки.

Запрашан за видот на мерките, тој не даде детали, задоволувајќи се само со изјавата „оние што би биле обврзувачки за да се избегне овој вид на

злоупотреба”.
На прашањето дали пораката била разбрана од Зукерберг, Бретон, одговори:

– Сигурно. Имавме многу добар, многу длабок дијалог, квалитетна и многу внимателна размена, рече европскиот комесар за индустрија.

Треба да знаете
Последни објави