Волонтерите од Црвен крст за 5 месеци им помогнале на 25.064 лица полесно да се снајдат во универзитетските клиники во Скопје.
Министерството за здравство информира дека успешно функционира проектот во соработка со Црвениот крст во кој волонтерите им помагаат на пациентите полесно да се снајдат низ клиничкиот комплекс, со цел да стигнат до потребната клиника, до соодветната локација, потребното снимање, преглед или анализа.
Во периодот од октомври, минатата година, кога стартуваше овој проект, до денес помош од волонтерите побарале 25.064 лица на седум клиники, каде се поставени пунктовите, што покажува дека оваа мерка е корисна за пациентите.
Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.
Волонтерите на Црвениот крст од искуствата на терен информираат дека најмногу пациенти побарале помош за упатување на интерните и на хируршките клиники.