Кајмански Острови се дел од британската „пајакова мрежа” на сателити, каде Лондон влијае врз законите и именување на официјални лица, се наведува во истражувањето на невладините здруженија Мрежа за даночна правда (Tax Justice Network).
Британската прекуморска територија Кајмански Острови, САД и Швајцарија се држави кои најмногу им помагаат на ултра богатите луѓе да ги скријат и да ги исперат парите.
Мрежата истражуваше во која мерка правните и финансиските системи го олеснуваат криењето на имотот, анализирајќи ги законите за спречување на перење на пари, контролата и нивото на финансиски активности во некои држави.
– Англоамериканската оска на тајност ја зајакнуваат корупцијата и затајувањето на даноците, изјави извржниот директор на Мрежата за даночна правда, Алекс Кобхам.
Во истражувањето се наведува и дека европските министри за финансии Кајмански Острови ги ставија на црна листа на даночни оази, заедно со Панама, Сејшели и Палау.
Кајманските Острови, кои се во близина на Куба, во истражувањето се нарекуваат и центар на финансиската тајност, каде се регистрирани над 100.000 фирми, бројка што е поголема од бројот на жители.
Мрежата ги критикува и САД бидејќи од другите држави бараат реформи, а сами не направиле доволно да го сузбијат приливот на „валкани пари” на своја територија. Авторите на истражувањето предупредуваат дека во некои американски сојузни држави се формираат фантомски компании.
На трето место, според Мрежата е Швајцарија со објаснување дека нејзината реформа на даночните тајни овозможува размена на информации со странските влади главно се однесува на богатите, а помалку на сиромашните држави.