Еден килограм контролирана пратка кокаин е запленета во магацин за овошје во селото Крушопек, во скопски Сарај. По насока на јавен обвинител приведени се возачите на камионот и сопственикот на магацинот, а се трага и по други лица, потврдија за МИА извори од Министерството за внатрешни работи.
Истите извори посочуваат дека мерките се преземени по насока од јавен обвинител и по наредба од судија на претходна постапка.
Станува збор за меѓународен ланец за троговија со дрога, чија вкупна количина е 1,3 тони кокаин, а во земјава е запленет еден тон контролирана пратка од оваа дрога. Во операцијата, според извори од МВР, освен македонската се вклучени и италијанската и црногорската полиција.
Според Јавното обвинителство, полициската акција во Крушопек, која е во тек, се спроведува во координација со обвинители од Италија од регионот Калабрија.
Повеќе детали за акцијата, меѓу другото и за бројот на приведени лица и запленетото количество и вид на дрога од ОЈО за МИА велат дека ќе соопштат во текот на утрешниот ден.
Акцијата со претреси во Крушопек поради недозволема трговија со дрога ја потврди и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој на Фејсбук објави дека „Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности”.
-По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога. Целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата, напиша Чулев и повеќе информации најави во текот на утрешниот ден.