Кочовска: Пристигнати се реакции од членови на ИСОС за неовластено организирани состаноци од страна на Министерството за финансии

До мене како дополнителен заменик министер за финансии, се пристигнати реакции од членови на ИСОС (Институт за сметководители и овластени сметководители), за незаконски и неовластено организирани состаноци од страна на Министерството за финансии, поради деблокирање на работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители.

Поради наведеното од моја страна од раководството на МФ и надлежниот сектор во министерството, побарав одговор и дополнителни информации, при што бев известена  дека од страна на Министерството за финансии се организираат состаноци со претставници на сите организации на сметководители, со цел да се одблокира работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители.

На состаноците се разговарало и било одлучувано на повеќе теми и прашања од надлежност на Институтот, а помеѓу останатото било одлучено да се подготват измени и дополнувања на Статутот на Институтот, потоа формирање на Комисија за организирање, спроведување и избор на претставници на подружниците во Собранието на Институтот, свикување од страна на министерот за финансии на Собрание на ИСОС на ден 20.02.2020 година со предлог точки за дневен ред, објавување на јавни повици за избор на преведувачи за превод на МСФИ и МСФИ за МСП и за избор на лектори и избор на членови на Комисијата за проверка на преводот.

Сакам да укажам дека согласно член 4 од Законот за вршење на сметководствени работи, единствен орган кој е надлежен за обединување и организирање на работата на сметководителите и овластените сметководители на територијата на државата е Институтот на сметководители и овластени сметководители.

Оттука, секој обид преку ad hoc комисии да се замени надлежноста на Институтот и неговите тела и органи формирани согласно Закон и Статут на Институтот, претставува класична повреда на Законот за вршење на сметководствени работи и подзаконските, акти со кои се уредува работата на Институтот. Доколку во изминатиот период постоеле нерегуларности со која била блокирана работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители, Министерството за финансии било должно да спроведе постапка за надзор и да изготви записник, да ги констатира евентуалните незаконитости и неправилности како и да даде препораки и рокови за нивно отстранување, а со цел да не се загрози редовното работење и функционирање на Институтот.

Во конкретниот случај, Министерството за финансии фактички се јавува во улога на регулатор на сметководителите и овластените сметководители, иако не постои законска основа за тоа, дотолку повеќе што Министерот за финансии одлучил да свика седница на Собранието на ИСОС на 20.02.2020 година поточно денес во 17:00 часот во Хотел Александар Палас, иако согласно член 8 од Законот за вршење на сметководствени работи прецизно е пропишано по чиј предлог може да се свика Собрание и по каков редослед се спроведува истото. Според тоа, доколку се одржи Собрание на ИСОС свикано на таков начин ќе се доведе во прашање и легитимноста и законитоста на одлуките кои ќе произлезат од тоа Собрание, а се поставува прашањето и за исправноста и основаноста на предложените точки на дневен ред на Собранието на ИСОС, кои не произлегуваат од самите органи на Институтот.

Сметам дека е недопустливо органот кој по закон е должен да се грижи за почитување и правилна примена за законските одредби од Законот за вршење на сметководствените работи самиот да врши груба повреда на процедурите и правилата на ИСОС за работата на сметководителите и овластените сметководители со што се прави упад во самостојноста и организацијата на ИСОС.

Сепак се надевам дека разумот ќе надвладее и Министерството за финансии на чело со Министерката ќе застане на патот на овие незаконски дејства и ќе го откаже свиканото Собрание на Институтот на сметководители и овластени сметководители кое е закажано за денес. Со тоа ќе овозможи преку транспарентна и законска процедура правилно да се насочи работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители и конечно да се застане на патот на кршењето на Законот за вршење на сметководствени работи.

Во насока на законито и одговорно постапување се надевам дека Министерството за финансии ќе се воздржи од преземање на понатамошни дејствија и активности кои се надвор од предвидената законска рамка од Законот за вршење на сметководствени работи, а во спротивно за истото ќе бидат известени сите релевантни домашни и меѓународни институции.

Исто така сакам да истакнам дека силно се залагам фелата на сметководителите да си го добие своето заслужено место во општеството, со сите свои права и одговорности, како во секоја нормална држава но нема да дозволам кршење на законите.

 

Треба да знаете
Последни објави