Македонскиот ракометен првак Вардар се наоѓа во серија од два пораза во Лигата на шампионите. „Црвено-црните” в среда го пречекуваат Кил со надеж дека повторно ќе се вратат на победите.
– Кил доаѓа во Скопје во момент кога не е во најдобра форма и без неколку стандардни играчи. Јас би сакал Кил да дојде во комплетен состав, а Вардар да покаже колку знае, а не само да игра во моменти на инспирација и „носен” од публиката, а потоа да падне како што се случи со Монпелје. Ние сме екипа која сè уште се воигрува. Вардар има уште простор да напредува, да игра подобро. Ќе дадеме сè од себе да го победиме големиот противник. Најважно е да одиграме добро, а крајниот резултат ќе го видиме кога натпреварот ќе заврши. Не смееме да дозволиме по двата пораза во претходните две кола, од Монпелје и од Алборг, да врземе четири-пет неуспеси. Тоа не го прават вистинските екипи. Ние таа серија ќе ја прекинеме, без разлика дали со Кил или со Сегед, или на некој друг терен, изјави Вујовиќ н аденешната прес-конференција.
Голманот Мартин Томовски во заморот на гостинскиот тим и внимателната игра ја гледа шансата за успех.
– Концентрацијата, дисциплината и комуникацијата се клучните елементи кои треба да ги поправиме за да се надеваме на добар резултат против Кил. Германскиот тим е одлична екипа, но и тие имаат свои слаби страни и мислам дека ќе ги искористиме нивните недостатоци, како и жестокото темпо кое го имаат поради згуснатиот календар.
Централниот бек Анте Гаџа од соиграчите побара максимално залагање на „црвено-црните” во текот на целиот натпревар.
– Кил брзо трчаат контри и полуконтри и ги казнуваат грешките на противниците. По двете стартни домашни победи, дојдоа поразите. Сепак навивачите ја ценеа нашата борбеност и затоа мора да дадеме максимум и на следните натпревари.
Натпреварот на двата поранешни европски шампиони е закажан за в среда со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански” во Скопје.