-Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, не треба да им биде испорачан на САД бидејќи тоа ќе има негативен ефект врз слободата на печатот, изјави денеска комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ.
Таа наведе дека случајот на Асанж го отвори прашањето за заштитата на луѓето кои објавуваат тајни податоци во јавен интерес, пренесоа британските медиуми.
-Загрижувачки се широката и нејасна природа на наводите против Асанж и кривичните дела наведени во обвинението, бидејќи многу од нив се однесуваат на активности што се во сржта на истражувачкото новинарство во Европа и пошироко, рече Мијатовиќ.
„Затоа, дозволувањето на екстрадиција на Асанж врз овие основи ќе има негативен ефект врз слободата на медиумите и може на крајот да го попречи печатот во извршивањето на својата основна задача да информира и да биде јавен контролор во демократските општества, истакна Мијатовиќ
Таа изјави дека е загрижена и за условите во притворот во САД и околу веројатната казна која Асанж може да ја добие.
Асанж (48) се наоѓа во затвор во Лонодн, каде следната недела ќе почне сослушувањето за негово екстрадирање во САД. Американските власти сакаат да му се суди по 18 точки од обвинението, вклучувајќи и подготвување завера со хакирање на владините компјутери и прекршување на законот за шпионажа.