Денеска пет острови од северниот дел на Егејското море го носат товарот на миграциската криза во име на цела Европа, рече министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис по средбата со заменикот министер за внатрешни работи на Германија, Хелмут Тајхман и истакна дека „ова мора да се промени”.
Митаракис заедно со алтернативниот министер за миграција и азил, Јоргос Кумуцакос, во Берлин остварија средба со германскиот министер и разговарале за потребата да се поддржи европскиот буџет за миграциското прашање за 2020 година, како и за потребата да се заштитат границите, преку зајакнување на улогата на ФРОНТЕКС, јави дописничката на МИА од Атина.
-Разговаравме за потребата да се планираат со ЕУ заеднички враќања, за потребата да има праведна распределба на бегалците во Европа со брзо префрлање од островите, за потребата за борба против криумчарите и прашањето за преземање активности за децата без придружба, рече Митаракис по средбата и додаде дека Германија прифатила да има активна улога во новиот центар на островот Самос, преку помош за здравствени прашања, инфраструктурата и техничката поддршка, како и помош во процесот за доделување азил.