На одвикнување од видео игри годишно во Белград се лекуваат околу 30 деца

Блиц

Проблеми со видот, атрофија на мускулите, вишок на килограми, како и прескокнување оброци, повлекување во себе, епилептични напади, се само некои од последиците од зависност од видео игри.

Минатиот викенд девојче (17) од Белград доживеало епилептичен напад откако четири ноќи играла игри и гледала филмови на телефон. Тинејџерката била примена во Брза помош и иако не и била дијагностицирана епилепсија, докторите предупредуваат дека постои термин „ТВ епилепсија”, односно напад предизвикан од видеоигрите.

Проблемот со зависноста од видео игрите се јавува уште од мали нозе, изјави за „Блиц” д-р Ивица Марковиќ, раководител на Клиниката за болести и зависности, Институт за ментални болести во Белград и раководител на дневна болница во која лежат и оние кои се неспособни сами да ги контролираат нагоните кога се во прашање видео игрите. Децата уште од две или три години одлично управуваат со телефоните, компјутерите.

Почнува од тоа дека прво само гледаат видеа, а потоа на возраст од седум-осум години се вклучуваат во интерактивни видео игри што се играат со повеќе играчи и се популарни кај лицата од детска возраст до средна возраст, предупредува Марковиќ.

Годишно на Институтот за ментални болести во Белград се хоспитализирани од 20 до 30 деца, а во 90 отсто од случаите се машки деца. Интерактивните игри се многу популарни меѓу момчињата на тие години. И момчињата и девојчињата се под голем ризик, но мислам дека момчињата не се доволно зрели и полесно се навлекуваат на видео игри.

Проблемот со видео игрите се повеќе ќе биде присутен во општествата. Од оваа година на Институтот имаме специјална програма за лекување зависност од видео игри и интернет, што е единствена програма за лекување лица постари од 18 години. Се плашам дека за неколку години ќе станат доминантни кај нас во Клиниката, предупредува Марковиќ.

Часови и часови поминати на интернет, запоставување на друштвото, лоши резултати на училиште како и поразличен однос кон родителите, е аларм дека нешто се случува со детето.

Еден од клучните критериуми е зголемена толеранција, односно времето кое е потребно да се помине во некоја активност, во овој случај видео игрите. Почнува со половина час, еден час, два, три и се сведува на тоа да поминат неколку дена занимавајќи се само со видео игри. Од друга страна кога ќе се обидете да им ги одземете видео игрите, децата стануваат агресивни кон себе и другите. Потоа, желбата за играње видео игри станува толку заразна што се јавува биолошка потреба за нив и единствено играњето може да ги смири, објаснува психијатарот Марковиќ.

Тогаш децата губат чувство за време за други значајни активности.

Децата живеат во свој виртуелен свет до ниво што тоа веќе станува втор живот и создаваат ново алтер его. Се исклучуваат од реалниот свет и ги заменуваат своите пријатели со оние од виртуелниот свет. Дури ги запоставуваат и основните потреби, како храна или вода. Децата кои неколку денови не внесуваат храна или вода создаваат метаболички дисбаланс, со што многу од нивните органи се оштетуваат, а најмногу мозокот. Од друга страна мозокот преку очите е изложен на големо зрачење кое доведува до исцрпување, односно конвулзивен напад или губење на свест, истакна Марковиќ и додаде дека децата првично завршуваат во болница поради телесни проблеми, а потоа се утврдува дека се всушност зависни од видео игри.

Тоа е период кога децата не се формирани како личност и не знаат како би изгледале доколку не постои виртуелниот свет.

– Во нашата дневна болница доаѓаат деца на возраст од 13, 14, 15 години кои се зависници од видео игри. Тоа е поразувачки во смисла на развој на личноста или остварување потенцијал. Од друга страна немаат можност да споредат што е реалноста и тешко е да излезат од тој виртуелен свет. Децата се спротивставуваат, кршат предмети во куќата, стануваат агресивни кон себе, но и кон родителите, истакна Марковиќ.

Во ситуации кога детето ќе им каже на родителите „Дај ми го тоа или ќе се убијам”, е најтешка ситуација во која родителите можат да се најдат.

Треба да знаете
Последни објави