Иранските здравствени претставници го објавија петтиот смртен случај предизвикан од коронавирусот и соопштија дека лицето кое починало било меѓу 10-те нови потврдени случаи на заболени во оваа земја.
Луѓето се лекуваат во најмалку четири градови, вклучително и главниот град Техеран, каде во некои аптеки веќе недостигаат маски и средства за чистење. Останатите градови се Ком, Арак и Рашт.
Досега во Иран потврдени се 28 случаи на коронавирусот, од кои петмина починаа. Двајца луѓе починаа во петокот, а два смртни случаи беа пријавени минатата недела.
Најголем број случаи на вирусот и натаму има во Кина, каде се појави вирусот. Досега заболеа 76.288 луѓе, додека 2.345 починаа, соопштија кинеските власти.