Повеќето земји од Европската унија се спротивставија на проектот за формирање на фудбалската Суперлига. Вкупно 16 од 27-те земји на ЕУ писмено го известиле Европскиот суд на правдата, кој на барање на трговскиот суд во Мадрид испитува дали УЕФА и ФИФА имаат право на целосна контрола врз светскиот фудбал.
Противници на Суперлигата се и Шпанија и Италија, земјите од каде доаѓаат трите клуба кои не го напуштија проектот: Реал, Барселона и Јувентус.
Европскиот суд на правдата се очекува да одржи јавни расправи во првата половина на 2022 година. Пресудата може да се појави неколку месеци по сослушувањето.
Претходно, УЕФА го отфрли случајот против основачите на Суперлигата – Барселона, Реал Мадрид и Јувентус – како и парични побарувања против тимовите што ја напуштија Суперлигата. Во исто време, синдикатот ја обжали одлуката на судот во Мадрид.