Актуелниот тренер на италијанскиот фудбалски калчолигаш Рома, трофејниот Португалец, Жозе Мурињо не крие дека добил понуда да седне на клупата кај англискиот премиерлигаш Њукасл, но и дека без многу размислување веднаш им го соопштил својот одговор, дека нема намера да ја напушти „римската волчица“.
Пред десетина дена Њукасл стана најбогат спортски клуб на светот откако беше купен од Саудискиот инвестициски фонд (ПИФ) кој е под директна надлежност на саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман. Денеска актуелниот тренер на Њукасл, Стив Брус се збогува со англискиот премиерлигаш, па започна лицитацијата со имињата кој ќе седне на испразнетото столче.– Њукасл? Одлучив да останам, не одам никаде. Потпишав тригодишен договор со Рома, имаме проект на кој работиме и не сакам да ги напуштам своите фудбалер – изјави Мурињо.
По отпаѓањето на Мурињо од трката за наследник на Брус, сега главен фаворит е друг Португалец, Паоло Фонсека кој минатата сезона ја предводеше токму Рома.